Во германскиот град Штралсунд се случи грешка на почетокот на имунизацијата против коронавирус, при што осуммина негуватели примиле петкратна доза од вакцината, пишува дневниот весник „Билд“. Во прашање се седум жени и еден маж, а половина од нив по вакцинирањето развиле симптоми на грип.
Според властите во округот Форпомерн-Риген, четири вакцинирани лица поднеле барање за хоспитализација заради следење на развојот на ситуацијата. Откако биле вакцинирани во неделата, тие развиле повеќе симптоми.
Во соопштението на локалните власти се посочува дека производителот на вакцини Бионтек, кој ја произведува вакцината заедно со американскиот фармацевтски гигант Фајзер, информирал дека во првата фаза од студијата биле тестирани поголеми дози без поголеми последици.
При подготовката на инјекцијата, надлежниот лекар очигледно ги превидел информациите на пакувањето.
„Станува збор за шишенце со повеќе дози, чија содржина треба да се раствори“, се вели во соопштението на Бионтек.