Откупот на тутунот продолжува непречено и има мало подобрување на линијата, а притисокот сега е најголем на Второстепената комисија каде пристигнуваат голем број приговори, констатираа денеска од Земјоделскиот инспекторат, од Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп и од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.
Според Зоран Пачешкоски, раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп, сите се постојано на теренот, кај откупните пунктови.
– Го следиме постојано текот на откупот. Има незадоволни тутунари, има оспорувања. Второстепената комисија денеска беше во Долненско, ги проверуваме приговорите и незадоволствата. Но, мора да кажеме има и случаи каде тутунарите имаат влажен тутун, па го повлекуваат за да се исуши. Но, ја повикуваме Второстепената комисија на теренот активно да ги решава случаите на оспорување на откупот, ни рече Пачешкоски.
Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија смета дека упорноста за буден надзор за реален откуп ќе даде резултати.
– И ние, заедно со Иницијативниот одбор на тутунарите сме постојано на теренот. Има оспорувања на откупот. Ако сме упорни и го продолжиме притисокот за реален откуп, ќе може да се подобри ситуацијата. Има благо придвижување, а ние нема да дозволиме тутунарите да бидат оштетени, вели Стомнароски.
Како што информира Зоран Шапуриќ, директор на Државниот земјоделски инспекторат само вчера се достасани нови 40 приговори, што заедно со претходните над 100 во овој откуп, досега не е забележано. Откупени се близу 3000 од реколтата од над 23000 тони тутун.
За утре, претставниците на тутунарите, најавија средба со премиерот Зоран Заев.