После најновите информации поврзани со појавата на забрзано ширење на коронавирусот во Велика Британија, на денешниот главен кризен Ковид-19 штаб донесовме одлука за забрана за сите летови од Велика Британија во Северна Македонија, информира премиерот Зоран Заев преку социјалните мрежи.
– Дополнително, се воведува и задолжителна 14-дневна самоизолација за сите патници што по воздушен или копнен пат, директно или индиректно пристигнуваат од Велика Британија во Северна Македонија, пишува Заев.
Министерството за здравство дополнително информираше дека на Главниот координативен кризен штаб е усвоен заклучок за нови рестриктивни мерки односно забрана за летови од нашата земја до и кон Велика Британија до крајот на годината.
Дополнително мерката за задолжителна 14 дневна самоизолација за сите граѓани кои во земјава со директни летови ќе дојдат од Англија, ќе важи и за патниците кои од Велика Британија по копнен пат ќе стигнат во нашата земја.
Комисјата за заразни болести мерката за самоизолација ја усвои на утринскиот состанок превентивно по информациите дека нова мутација на коронавирусот, се шири во Велика Британија и според првичните епидемиолошки анализи е позаразна.
