Американаската комисија за безбедност во авионскиот сообраќај тврди дека минатонеделниот инцидент со авионот на британската компанија „Бритиш Ервејз„ над Лондон, за малку ќе завршел катастрофално.
Според информацијата на комисијата, на која се повикуваат лондонските медиуми, инцидентот со авионот бил многу посериозен од она што првично беше соопштено.
Американските експерти кои се вклучени во истрагата со авионот велат дека авионот „Ербас А319“ принудно се спуштил на аеродромот Хитроу во Лондон само со еден мотор, кој горел и од него излегувал чад. Комисијата тврди дека од двата мотори испаднале заштитните капаци, што е приближно еднакво како кога на автомобил би му испаднала хаубата.
Експерти веруваат дека испаѓањето на капаците се случило или при самото полетување или додека авионот се искачувал кон височината, при што биле оштетени моторите.
Британската комисија за инциденти во авиосообракајот, меѓутоа, го демантира тврдењето на американската комисија нагласувајќи дека инцидентот не бил толку сериозен. Британските експерти откриваат дека двајцата пилоти во својот извештај велат дека слетале со еден мотор, откако го исклучиле вториот оштетен мотор од кој истекувало гориво.
„Бритиш Ервејз“ одбива да го коментира целиот инцидент, како што засега не реагира ниту компанијата „Ербас“. Американците се вклучени во истрагата затоа што една американска фирма ги произведува моторите за авионите на „Ербас А319“.
Авионот на „Бритиш Ервејз“ принудно се врати на аеродромот Хитроу набрги откако полета на својот редовен лет за Осло. Жители на лондонските населби над кои леташе оштетениот авион изјавија дека излегувал оган и чад од едниот мотор и се слушала „застрашувачка бучава“.
Авионската компанија во првата изјава минатиот петок тврдеше дека леталото се оштетило по судар со јато птици.