Во ковид-статистиката вчера беше регистриран нов случај на починато младо лице. Се работи за 33-годишен пациент од Скопје. За починатите млади лица, ДСЗИ досега иницираше 25 вонредни инспекциски надзори, од кои 11 се во тек. Се очекува ДЗСИ да иницира надзор и за починатиот 33-годишен скопјанец. Тој е еден од 29-те починати кои беа регистрирани во претходното деноноќие од кои 12 се од Скопје.
Трендот на намалување на новозаразени продолжи и вчера, регистрирани 883 случаи од направени 2827 тестирања. Покрај тоа, беа забележани и 536 оздравени пациенти. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 77134, бројката на оздравени е 52949, на починати е 2254. Бројот на активни случаи изнесува 21931 од кои најголем дел се од Скопје (11713). Вкупната бројка на пациенти кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1271 и има околу 240 празни болнички кревети.
– Неделните пресеци укажуваат на тоа дека Р0 факторот на трансмисија на вирусот се намалува, но внимателни сме затоа што се можни изненадувања. Доколку продолжи вака како што е изминативе неколку недели – да, ќе биде тренд, но внимателни сме затоа што се можни изненадувања, затоа што очигледно овој вирус не го прати моделот на вируси од истата група на вируси во кои се јавува. Имавме еден тренд на стабилизација прво, па сега и намалување и внимателни сме, следиме како ќе биде овој период пред нас, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.