Европскиот парламент денеска го одобри буџетот на Европската унија за следната година, во кој приходната страна изнесува 164,3 милијарди евра, додека расходниот дел е 166,1 милијарди евра, се наведува во информациите објавени на веб-страницата на ЕП.
Откако Советот на ЕУ во понедленикот официјално го одобри договорот меѓу членките, европратениците денеска го одобрија буџетот со 540 гласа „за“, 77 „против“ и 70 воздржани, по што законот за негово усвојување го потпиша претседателот на ЕП, Давид Сасоли.
Европратениците дополнително ги поддржаа програмите што се сметаат за клучни за зајакнување на растот и вработеноста и ги рефлектираат широко договорените приоритети на Европската унија: Дигитална Европа и Механизмот за поврзување на Европа (ЦЕФ), зајакнување на почитувањето на европските вредности и стимулирање на активностите во областа на климата.