Кај пациентите кои биле тестирани позитивни на вирусот на Ковид-19, без оглед на тоа дали имале или не симптоми на болеста, во периодот потоа можат да се појават болки во мускули, зглобови и коски, како и главоболки, изјавија од Министерството за здравство на прашањето на „А1он“ дали досега е направена анализа во однос на тоа какви последици по здравјето може да имаат граѓаните откако го прележале вирусот.
Од Министерството велат дека кај некои од пациентите се јавуваат пролонгирано високи вредности на хемостазата, односно промени во крвната слика.
Со оглед на тоа што станува збор за нов вирус, се уште не се познати сите пролонгирани коморбидитети од Ковид-19.
Дел од граѓаните кои го прележале вирусот, во Фејсбук групата каде што се споделуваат искуства и совети во однос на Ковид-19, се жалат на опаѓање на косата, замор, болки во рбетот, дел тврдат дека осетот за мирис и за вкус не им се враќал подолго време, а некои се жалат на отежнато дишење.
„Се уште е рано да се носат заклучоци во однос на пролонгираните коморбидитети од вирусот и за тоа какви се последици можел или предизвикал кај внатрешните органи. Потребна е анализа на случаи, компаративни анализи и дискусии меѓу стручната јавност кај нас и во светот од што ќе произлезат медицински трудови кои ќе ни дадат појасна слика за оваа проблематика“, велат од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека во меѓувреме сите пациенти кои чувствуваат симптоми на болест треба да се јават кај својот лекар на преглед кој по потреба ќе им даде терапија или ќе ги упати на понатамошни иследувања.
Едно од истражувањата објавено пред неколку месеци на германски тим на лекари покажал дека Ковид-19 инфекцијата може да влијае врз кардиоваскуларниот систем, влошувајќи ја срцевата функција. Овој заклучок тимот лекари го извлекле од истражување на репрезентативен примерок од 100 излекувани пациенти во универизитетската клиника во Франкфурт.