31-годишна жена, случајна минувачка, е тешко ранета денеска во престрелка во центарот на српскиот град Нови Пазар, а според првичните информации, татко и син со пиштоли пукале кон 39-годишен човек, кој исто така е тешко повреден.
На првите снимки од инцидентот се гледа како возилата на брзата помош пристигнуваат, а лекарите укажуваат помош на едно повредено лице кое лежи на улицата.
Драмата во центарот на Нови Пазар се случила околу 15 часот, кога Х.А. и неговиот син А.А. запукале кон автомобил во кој се наоѓал човекот којшто им бил цел. Еден од куршумите завршил во градите на несреќната минувачка, која заедно со ранетиот нападнат човек, биле пренесени во болница.
Според д-р Изет Тутиќ од градската болница, повредените имале сериозни повреди, но животот не им е загрозен.
Пукањето, кое се случило во непосредна близина на полициската станица во Нови Пазар, ги вознемири жителите на градот, а драмата се одвивала пред очите на голем број сведоци. Според зборовите на очевидците, на ранетата жена прв напомош ѝ дошол полицаец.
Осомничените татко и син се во бегство, а по нив трага полицијата.