Во првите 100 дена од мандатот на новата Влада, целосно сме насочени кон поуспешно справување со здравствената криза предизвикана од Ковид-19. Направивме реорганизација на здравствениот систем, каква што не се случила во историјата за одговор на пандемијата и успешно го амортизиравме силниот есенски бран. Ги активиравме и направивме ротација на сите здравствени работници, план кој беше подготвен уште во летото. Ги ставивме сите ресурси во заштитата на здравјето на граѓаните напиша на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочува дека донеле одлука да ги наградиме сите здравствени работници кои се вклучени во третманот на пациентите заболени од коронавирусот, го зголемиле и бројот на тестирања од Ковид-19 и го подигнале на речиси 3000 дневно.
– Покрај тоа, отворивме уште едно приемно одделение во Институтот за јавно здравје и ја забрзавме процедурата за земање на тестови. Набавивме брзи тестови за здравствените установи. Ги пуштивме во употреба амбулантите на Клиниката за пулмологија и алергологија и клиниките ги пренаменивме во ковид – центри, со цел секој пациент кој има потреба од хоспитализација да ја добие потребната здравствена заштита. Забрзано работиме и на проектот за поставување модуларни болници со 16 општини во државата. Обезбедивме 833 000 вакцини за Ковид-19 преку КОВАКС системот и работиме на тековната подготовка за нови набавки, нагласува Филипче.