Државната комисија за спречување на корупцијата изрече јавна опомена на Ана Павловска Данева поради судир на интереси, бидејќи таа истовремено извршувала функција пратеник во Собранието и е ангажирана како професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.
Постапувајќи согласно со одредбите од Законот за спречување судир на интереси, а во насока на отстранување на настанатата состојба, Антикорупциска, согласно член 23 став 1 од Законот за спречување судир на интереси, се обратила лично до Павловска Данева со барање во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето доброволно да се откаже од извршувањето на функцијата пратеник во Собранието или од ангажманите на Правниот факултет.
Павловска Данева, според соопштението од Антикорупциска, не постапила по барањето поради што, согласно со член 23 став 3 од Законот за спречување судир на интереси, и е изречена мерка јавна опомена.
Согласно со член 25 став 2 од Законот за спречување судир на интереси мерката јавна опомена се објавува во средствата за јавно информирање.