Министерството за локална самоуправа, заедно со општина Гази Баба, со финансиска поддршка од Европската Унија преку ИПА инструментот, реализира изградба на канализациска мрежа во селото Смилковци.
– Комуналната инфраструктура е еден од основните услови за обезбедување на нормални услови за живеење. За жал сеуште има населени места кои што ги немаат основните услови, како што е канализациона мрежа или квалитетна вода за пиење. Ние ги решаваме проблемите, а приоритет е да ги поддржиме селата и да ги подобриме условите за живеење за сите граѓани, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Тој, како што соопшти денеска Министерството за локална самоуправа, посочи дека за жителите на Смилковци овој проект е многу значаен. Со подобрувањето на комуналната инфраструктура им помагаме на граѓаните да го подобрат квалитетот на живеење. Овој проект има директно влијание и на заштитата на животната средина, на заштитата на површинските и на подземните води од загадување. Се заштитува почвата што е многу важно за земјоделското производство и за населението кое што живее од земјоделие.
– Во оваа прилика сакам да ја истакнам иницијативноста на општина Гази Баба која што ги користи сите можности за да ги решава проблемите на граѓаните. Тука е и поддршката на Министерството за локална самоуправа. Проектот е реализиран со средства од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Косово. Кофинансирањето во вредност од 15 проценти го обезбеди Министерството за локална самоуправа, рече Милевски.
Според Милевски, Програмата за прекугранична соработка помеѓу двете земји придонесува за унапредување на добро соседските односи и на социо-економскиот развој на пограничниот регион. Но најважно од се е што преку добро осмислени проекти се решаваат важни прашања за граѓаните.
-Досега во рамките на ова програма се финансирани 12 проекти во вредност од над 2 милиони евра за проектите во земјата, за кои што Министерството за локална самоуправа има обезбедено кофинансирање од над 302 илјади евра. При крај се подготовките за објавување на четвртиот повик за предлог проекти. Достапни ќе бидат нови 2 милиони евра за заеднички проекти, рече Милевски.
Министерство за локална самоуправа, како одговорна оперативна структура за спроведување на ИПА Програмите за прекугранична соработка, сега работи на програмирање на ИПА 3 програмата за периодот 2021-2027. Процесот на програмирање е при крај и следната недела првиот нацрт на програмата ќе биде доставен до Делегацијата на ЕУ. Овие проекти се резултат на континуираната поддршка на Европската комисија, како и на поддршката на Канцеларијата на ЕУ во Косово и на Делегацијата на ЕУ во нашата земја.