Војната против талибанците и обезбедувањето стабилен мир во Авганистан, ја чини Велика Британија околу 37 милијарди фунти, тврди лондонски „Гардијан“.
Овој весник проценува дека до 2020 година, трошоците за војната и учеството на британската армија во авганистанската војна би можеле да нараснат и до 40 милијарди, што значи дека за финансирање на британскиот ангажман во оваа војна, секое семејство во Велика Британија платило по две илјади фунти.
Според анализата што е направена, со овие пари би можело да се ангажираат најмалку пет илјади полицајци и медицински сестри, две категории на вработени кои беа погодени со отпуштањата од јавниот сектор, со владината програма за штедење и за скратување на трошоците од буџетот. Парите за војната во Авганистан се доволни, не само за нивното вработување, туку и за покривање на платите до крајот на нивниот работен век.
Лондонскиот весник тврди и дека освен огромниот трошок за одржување на британскиот воен контингент од десетина илјади војници и воен пресонал и за војувањето, нема ни голем успех во остварувањето на основната цел од воената интервенција од есента 2001 година, а тоа е внатрешната стабилност и безбедност на Авганистан.
Поранешниот цивилен советник на британската Влада во три воени интервенции-во Ирак, Авганистан и во Либија-Френк Лидвиџ, за „Гардијан“ изјави дека авганистанската провинција Хелманд, каде се стационирани Британците, каде тие ги водат најголемиот дел од операциите, и во која се регистрирани речиси сите британски жртви, сега не е ништо побезбедна од 2006 година кога британската војска ја презеде контролата за безбедноста во провинцијата.