Младите ликовни творци од Асоцијацијата за култура „Арте“ -Патра Неамт од Романија се прогласени за најуспешни учесници на годинешното 32-издание на меѓународната ликовна манифестација „Мал битолски Монмартр“.
На денешната завршна прес-конференција во Битола, раководителот на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола, Коста Хаџиантоновски соопшти дека кај меѓународното стручно жири најголем впечаток оставил тимот предводен од ликовниот уметник Кристина Петрариу од Романија.
– Извонредни, ретки, оригинални и непроценливи детски творби. Тоа е епилогот од годинешната колонија на која наградата за најдобра колекција им припадна на младите ликовни творци од асоцијацијата за култура „Арте Ро“. Доделивме и две најгради за најдобри поединци кои им припаднаа на Бензан Муруна од Романија и на Самет Алтан од Трабзон, Турција, додека за најмлад учесник беше прогласен Абделсамун Мустафа од Египет, истакна Хаџиантновски.
Според востановената традиција, освен организаторот награди за дел од учесниците додели и Здружението на занаетчиите од Битола чии претставници ги поздравија 70-те учесници од сите меридијани на светот кои допатуваа во Македонија и освен во градот домаќин престојуваа во Охрид и Крушево.