Дваесет и двегодишна бремена пациентка од Скопје, позитивна на коронавирусот, е една од починатите 28 лица за кои денеска соопшти Министерството за здравство.
Таа имала дијабет и проблеми со тироидната жлезда.
Пациентката на 26 ноември од Гинеколошко-акушерската клиника била префрлена во ГОБ „8 Септември“ во многу тешка состојба. На Клиниката за гинекологија била три дена поради комплицирана бременост, а породен бил мртов плод со царски рез.
Како што соопштуваат од Министерството за здравство, нејзината здравствена состојба била многу лоша и таа за сето тоа време била на респиратор. Третманот со респиратор продолжил и во ГОБ „8 Септември“ каде била донесена во критична состојба.
„За време на лекувањето во двете институции преземени се сите мерки на интензивно лекување, но и покрај тоа пациентката починала на 9 декември“, информираат од Министерството.
Ова е шеста трудница во земјава која почина како последица на Ковид-19.
Во последново деноноќие, починати се 28 лица, пет пациенти од Скопје (58, 75, 67, 78 и 22г), еден од Куманово (69г), еден од Дебар (66г), шест пациенти од Прилеп (70, 77, 53, 56, 69 и 82г), двајца од Струга (59 и 69г), еден од Велес (66г), тројца од Битола (76, 69 и 61г), еден од Кавадарци (57г), еден од Гостивар (83г), еден од Радовиш (80г), еден од Крушево (64г), еден од Кочани (65г), еден од Пробиштип (78г), двајца пациенти од Кратово (76 и 76г) и еден пациент од Кичево (80г).
Од нив, двајца се починати вон, а останатите се починати во болнички услови.