Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во врска со обвинувањата од страна на полковникот Драган Ковачки денеска на прес-конференција како одговор на новинарско прашање потенцира дека нема да апелира да престане бидејќи, како што рече, тој очигледно „го преминал Рубиконот“ и својата иднина ја гледа исклучиво како дел од политичките игри, што треба нему да му служи на чест.
– Токму полковникот Ковачки, бил раководител на едно од најважните служби во МО, кога Министерството било прогласено за најнетранспарентно и комплетно затворено за јавноста. Не знам каде бил тогаш да проговори за овие состојби. Кога бил тој таму успеал да ја политизира службата која мора да биде надвор од политиката. Овие пост фестум реакции се несоодветни, изјави Шекеринска.
Според неа, јасно е дека неуспешниот обид на Ковачки да заплови во политички води, сега го користи да ја политизира инсистуцијата од која потекнува.
– Мислам дека тоа е нечесно, неодговорно, не е во духот на нашиот закон, дури не е ни во духот на Армијата. Нема да апелирам да престане, бидејќи тој очигледно го преминал Рубиконот и својата иднина ја гледа исклучиво како дел од политичките игри, нека му служи на чест, рече Шекеринска.