Голем број граѓани излегоа на улиците на црногорските градови попладнето и вечерва за да го прослават изборот на новата влада на земјата, која ќе ја претставува првата власт од осамостојувањето во која нема да учествува партијата на актуелниот претседател на државата Мило Ѓукановиќ.
Граѓаните веат знамиња и со песни и огномети го прославуваат изборот на новиот кабинет со кој ќе раководи премиерот Здравко Кривокапиќ.
Мнозинството во парламентот попладнево со 41 глас за и 28 против ја изгласа предложената влада. Кривокапиќ најави дека мерило на работата на владата, чиј избор дојде по месеци преговори, ќе бидат редот, работата и одговорноста.
Новиот кабинет, замислен како преоден до претседателските избори во земјата, ќе има 12 министерства, а единствениот партиски претставник во него е потпретседателот на Владата, Дритан Абазовиќ.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го честиташе формирањето на новата Влада во Црна Гора и повика на продолжување на работата на реформите во земјата.
– Ја поздравувам посветеноста на патот кон ЕУ и со нетрпение очекувам да соработувам со премиерот Здравко Кривокапиќ, целата Влада и Парламентот за забрзување и зајакнување на реформите, напиша Вархеји на Твитер.
Тој додаде дека следната пресвртница на пристапниот пат на Црна Гора ќе бидат преодните одредници за поглавјата од областа на владеење на правото.