„Дрвјата паметат!” е насловено делото на уметникот Филип Јовановски кое ќе се реализира денеска од 11 до 14 часот како акција во јавен простор во околината на хотелот „Бристол“ во центарот на Скопје, во сеќавање на „паркобраните“ кои се противеа да се исечат дрвјата на тоа место. Проектот е долгорочен и се развива со поддршка на Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата – „Локомотива“, во рамки на програмата „Други простори“.
„Локомотива“ информира дека се работи за истражувачко дело во процес кое почнува со оваа акција на „сеќавање” на историјата на градот преку паметењето на дрвјата и дека со акцијата почнува да се гради архива на сеќавања на дрвјата, „архива на сеќавања на насилството и уништувањето на јавните простори во градот“.
– „Дрвјата паметат!” се приказни на 11 граѓани кои беа уапсени од 400 припадници на единиците за брзо распоредување, една тивка септемвриска скопска ноќ, додека го чуваа паркот спроти хотелот „Бристол“. По неколкучасовен притвор беа ослободени. Полицијата не дозволи одблизу да се фотографира делот каде што се планира да се гради административна зграда. Таа ноќ во паркот кај „Бристол“ 11 граѓани учествувале во одбрана на паркот. Оваа акција ја почнуваме на местото каде што сè уште се слуша крикот на исечените дрвја, звукот на моторните пили, се гледаат сенки од лицата на уапсените мирни граѓани врз оклопните возила на специјалните полициски единици, а сето тоа дрвјата го паметат, соопшти „Локомотива“.
Покрај проектот на Филип Јовановски, „Локомотива“ во рамки на програмата „Други простори“ оваа година поддржа развој на уште две современи уметнички дела – на уметниците Зорица Зафировска и Оливер Мусовиќ.
– Користејќи различни медиуми, уметниците преку своите дела се занимаваат со исклучително важни теми поврзани со екологијата, која ја разгледуваат како динамична категорија на меѓусебно поврзани, еколошки, општествени, демократски, како и културни процеси на секојдневното живеење. Делата истражуваат и се занимаваат со јавниот простор, животната средина, урбаното планирање на градот и правото на одлучување на уредување и развивање на средината во која живееме, информира „Локомотива“.