Северна Македонија ќе стане регионален стартап центар каде младите ќе може да ги реализираат своите бизнис идеи, порачаа денеска вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и в.д директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров.
На нивниот прв работен состанок се разговараше за спроведувањето на тековните проекти и наредните планови и проекти на Фондот, соопшти Кабинетот на Битиќи.
Вицепремиерот нагласи дека изминатите три години, ФИТР во потполност ја исполни својата функција, стана препознатлива институција која ги поддржува микро, малите и средни претријатија, а преку соодветните инструменти за поддршка значително ги олесни и забрза проектите за технолошки развој, за креирање иновативни решенија и за дигитализација на компаниите.
-Преку 550 субјекти се во портфолиото на Фондот за иновациии и технолошки развој во овие три години, што е навистина одлична бројка, посочи вицепремиерот и додаде дека со ентузијазмот и меѓународното искуство кое го поседува Петров, очекува бројот на поддржани компании да се зголемува, а тоа ќе значи побрз економски раст и развој на земјата.
Директорот Петров нагласи дека максимално ќе се посвети ефикасно и ефективно да се искористат буџетските средства во Фондот.
-Нашата земја изобилува со млади, креативни и иновативни луѓе, а Фондот е вистинско место каде може да се обратат, да добијат стручна помош за развој на нивните проекти, но и финансиска поддршка за нивна побрза реализација. Микро, малите и средни компании, стартап и спин-оф, остануваат да бидат во фокусот на работата со оглед дека имаат огромен потенцијал за раст, како на приходи, така и на бројот вработени, што директно ќе влијае на економијата, напомена Петров.
Вицепремиерот Битиќи и директорот Петров се согласија дека потенцијалот за развој на стартап компаниите во земјата е огромен, а во наредните години заеднички ќе работат на тоа Северна Македонија да ја направат регионален старт ап центар, каде секое младо лице со идеја ќе може да ги оствари своите бизнис идеи.