Кинески хакери ги украле градежните планови за централата на австралиското разузнавање, која се наоѓа во изградба, објави австралиска телевизија.
Хакерите упаднале во компјутерите на градежната компанија, која работи на новата разузнавачка централа во Канбера и украле податоци за распоредот на катовите на зградата, што се проценува на 630 милиони австралиски долари. Тие успеале да дојдат и до информации за распоредот на комуникациските и компјутерските мрежи на новата централа на разузнавањето.
Австралиски владини претставници одбија да го потврдат или отфрлат соопштението за хакерскиот напад.
Министерот за надворешни работи Боб Кар изјави дека тврдењата не претставуваат закана за врските со Кина.
– Тоа нема никакви последици за нашето стратегиско партнерство. Нема да коментирам дали Кина го направила тоа што се тврди или не, изјави тој.
Партијата „Австралиски зелени“ хакерскиот напад го оцени како значителен напад врз безбедноста и побара разгледување на случајот.