Најавени законски измени за поголема безбедност на новинарите

Од:

Само преку конкретни измени на Кривичниот законик со давање на надлежност на Обвинителството да постапуваат по службена должност и преку зголемување на казните кон напаѓачите, системски ќе се подобри безбедноста на новинарите и медиумските работници.

Ова е заклучокот од вебинарот на тема: „Изменување и дополнување на Кривичниот законик: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“ во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и заедничката акција на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС)“ што се одржа на 24 ноември.

Како што информираат од ЗНМ, додека се одвивал настанот, се одѕвале од Министерството за правда на социјалните медиуми со укажување дека Кривичниот законик, заедно со ЗНМ и новинарскиот синдикат, набрзо ќе биде ревидиран со цел зголемување на безбедноста на новинарите.

Во објавата Министерството дополнително забележи дека новите закони не се толку потребни колку што е нужно поефикасно постапување од страна на надлежните институции за истрага и санкција на нападите кон новинарите.

На вебинарот учествуваа триесетина учесници и тоа група на новинари, претставници од Владата, Министерството за правда, Советот на Европа и од Основното јавно обвинителство и адвокати кои застапуваат новинари пред судовите.

Свое видео обраќање имаше министерот за правда Бојан Маричиќ, а во воведниот дел говореше и раководителот на Секторот за информатичко општество при Советот на Европа, Патрик Пенинкс. Исто така, на вебинарот учествуваа и шефот на Основното јавно обвинителство во Скопје, Сашо Рајчев, новинари кои ја следат проблематиката на безбедноста, како и странски експерт во делот на медиумското право.

Една од целите на овој настан, како што велат од ЗНМ, била да се дебатира за начините како да се изнајдат решенија за институционална заштита на новинарите и медиумските работници, а со тоа и да се придонесе во процесот на консултации предводени од Министерството за правда за измена на Кривичниот законик.

Министерот Маричиќ во своето излагање потенцираше дека Министерството за правда веќе започнало постапка за изготвување на нов Кривичен законик со бараните измени во кој ќе бидат вметнати и кривични дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите, но и општо на медиумските работници.

– За изготвување на квалитетен текст во законот веќе одржавме состанок со претставниците од новинарската фела и новинарските здруженија, вклучително и Здружението на новинари на Македонија и Синдикатот. Нивните предлози секако се добредојдени, бидејќи само преку отворен дијалог токму со новинарите ќе можеме да донесеме нов закон кој дополнително ќе ги заштити слободно да си ја извршуваат одговорната работа, а сите оние кои ќе се обидат да ги заплашуваат или пак физички и вербално да ги напаѓаат новинарите односно медиумските работници, ригорозно да се казнуваат, истакна министерот Маричиќ.

Патрик Пенинкс од Советот на Европа упати честитки за овој мултилатерален процес помеѓу засегнатите страни, власта, министерствата и новинарите. Тој истакна дека досега сме биле навикнати за вакви важни теми на унилатерални решенија, кои се покажале нефункционални.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски во своето обраќање потенцираше дека новинарите и медиумските работници играат клучна улога како чувари на јавниот интерес, а новинарската професија е важен дел на секое демократско општество.

– Актуелниот тренд на напади врз новинари воопшто не ми се допаѓа, ми се чини дека влегуваме во една фаза на демократска рецесија, уште повеќе што европерспективите на глобален план, поради проблемот со Бугарија се затвораат. Не би сакале да видиме ретроградни процеси, а овој тренд упатува на тоа. Важно е да се истакне дека неказнивоста неминовно води кон самоцензура или цензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја лишува јавноста од правото да биде информирана, истакна Чадиковски.

Новинарката од МРТВ Фиљана Кока посочи дека се потребни нови и соодветни законски одредби и нова клима погодна за медиуми кои ги подржуваат демократските процеси. – Властите беа и се повикани да се вложат во креирање безбедност за новинарите да можат слободно и независно да ја вршат својата работа без да биде извршен било каков притисок за тоа што известуваат, ЗНМ и новинарите нема да се откажат од тоа, додала Кока.

Новинарот Васко Маглешов од ПРИЗМА/Истражувачки онлајн медиум, во својот панел потенцирал дека е потребна едукација на идните судии и јавни обвинители да бидат сензибилизирани за значењето на новинарската работа со тоа што во рамки на обуките би се вовеле, односно прошириле предметни програми за слобода на говор и изразување и за важноста на новинарската професија во демократските процеси.

Шефот на Основното јавно обвинителство, Сашо Рајчев, исто така еден од панелистите во своето обраќање на вебинарот ја истакнал поддршката на овој процес од страна на обвинителството и даде краток осврт на одговорите на Кривичното право за заштита на новинарите во Северна Македонија. Рајчев потенцирал дека за суштински да се направат промените потребно ќе биде да се зголемат ресурсите на обвинителството.

Во својство на меѓународен експерт, Џонатан Прајс, адвокат во „Doughty Street Chambers’’, Велика Британија во своето излагање сподели неколку компаративни случаи од адвокатската пракса во контекстот на безбедноста на новинарите. Тој потенцираше дека проблемот не е во самите закони, туку во нивната имплементација. На крајот препораката е дека потребна е едукација и ревидирање на целокупните елементи на правосудниот систем и секако заеднички здружено дејствување од страна на сите засегнати страни.

Вебинарот е организиран од страна на Здружението на новинарите на Македонија во рамки на акцијата која е дел од „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција II“, заедничка програма на ЕУ/Советот на Европа, имплементирана од Советот на Европа која има за цел да им асистира на корисниците во регионот на Западен Балкан и Турција во усогласувањето со стандардите на Советот на Европа и acquis на Европската Унија во рамки на процесот на нејзино проширување, онаму каде што тоа е применливо.

Би можело да ве интересира

Коцевски: Јавно ја осудувам секоја форма на притисок и закани кои се насочени кон замолчување на новинарите

Американците 10 часа ги испрашувале руските новинари кои доаѓале да известуваат за изборите

Почина Исуф Кадриу, дописник на РСЕ од Скопје

Предраг Петровиќ

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Ден на слободата на медумите – македонските новинари со потпросечни плати и се уште изложени на закани и напади

А1он