Официјална Анкара упати протестна нота до Берлин поради инцидентот што се случил вчера во Средоземното Море, кога германски војници, дел од европски сили задолжени да го спроведат ембаргото на ООН за увоз на оружје во Либија, се качиле на брод кој пловел под турско знаме и цели 15 часа го пребарувале.
Товарниот турски брод бил запрен од германска фрегата, а војниците влегле во текот на ноќта и го принудиле екипажот на проверка на контејнерите, во кои барале нелегално оружје на пат кон Либија, пишуваат турските медиуми.
Фрегатата „Хамбург“ најпрво упатила барање за пребарувањето до екипажот на турскиот брод „Роузлајн А“, но тврдат дека немало одговор, па по четири часа војниците одлучиле насила да упаднат на трговскиот брод. По цели 15 часа пребарување, тие се повлекле откако Турција реагирала кај Мисијата на ЕУ, која го наредила пребарувањето. Според извештаите во германските медиуми, војниците не нашле никакво оружје на бродот, додека биле на него.
Анкара објави снимки на кои се гледа како вооружените војници во униформи спроведуваат морнари на турскиот брод, кој според властите во Анкара, пренесувал хуманитарна помош.
Турција во Либија ја поддржува легално избраната влада, која е во судир со бунтовници кои имаат поддршка од Русија и Египет.
Инцидентот, кој се заканува дополнително да ги наруши и онака влошените односи меѓу Анкара и земјите од ЕУ, се случил на отворено море, јужно од грчкиот полуостров Пелопонез.
Последното затегнување на тие односи се случи летово, кога Турција започна поморски истражувања за нафта и гас во делови од Средоземјето кои Грција и Кипар, и двете земји-членки на ЕУ, ги сметаат за дел од нивниот континентален гребен. Од Брисел поради ова најавија санкции против Турција, кои би можеле да бидат активирани следниот месец.