Во галеријата „Остен“ премиерно ќе биде прикажан портрет-филм на унгарскиот уметник со светска слава Виктор Вазарели. Проекцијата е овозможена во соработка со Амбасадата на Унгарија, а филмот е добиен од архивата на унгарската национална телевизија.
Во филмот уметникот зборува за себе и за своите дела и се содржани многу податоци за неговиот живот и творештво. Покрај премиерната проекција напладне, денеска ќе има и две репризи на 55-минутниот филм, од 14 и од 16 часот.
Со прикажувањето на филмот во „Остен“ ќе биде затворена изложбата „Виктор Вазарели“, која галеријата ја организираше по повод Денот на Европа, во соработка со Делегацијата на Европската унија, Амбасадата на Унгарија, Францускиот институт и Македонски телеком.
Беа изложени околу 70 уметнички дела на овој светски познат уметник, најголем дел графики, но и три цртежи, два колажа, четири дела со комбинирана техника и пет скулптури.
Творештвото на Вазарели (1906-1997) припаѓа на уметничкиот правец оп-арт – оптичка уметност заснована врз интеракцијата меѓу реалната слика и имагинацијата или создавање уметност преку оптички илузии.