Во тридневна официјална посета на Република Македонија и АРМ од вчера претстојува делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Турција, предводена од началникот на ГШ на ВС на Турција, генерал Неџет Озел.
Домаќин на турската делегација е началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески.
Гостите од Република Турција, вчера и денеска, во придружба на генералот Котески престојуваа во Охрид, Ресен и Битола, каде посетија повеќе културно-историски споменици и се запознаа со убавините на овој дел од Република Македонија.
Официјалните разговори, како што информират од прес-службата на Генералштабот на АРМ, помеѓу генералите Котески и Озел предвидено е да се водат утре во Скопје. За време на престојот во ГШ на АРМ генерал Озел ќе се сретне и со министерот за одбрана, Талат Џафери.
Главни теми за време на разговарите ќе биде понатамошното проширување на билатерална соработка и можностите за соработка на полето на наменската индустрија.
Во рамките на официјалната посета на Република Македонија, генералот Озел утре ќе биде примен и од претседателот Ѓорге Иванов.
АРМ има одлична соработка со ВС на Република Турција која се одвива на повеќе полиња, како што се обуката, военото образование, употреба на единици во мировни мисии предводени од НАТО, опремувањето и друго. Република Турција важи за стратешки патнер на Република Македонија на полето на одбраната, за што најдобар показател се околу 640 школувани старешини на АРМ на највисоките школи на ВС на Република Турција, донација на различна опрема за модернизација на АРМ во вкупна вредност од околу 16 милиони американски долари, како и реализација на голем број на заеднички вежби во двете земји.
Република Турција има долгогодишно искуство како членка на НАТО, при што има развиено високи стандарди во градењето на сопствените ВС, која од формирањето на АРМ па до денес, континуирано и несебично ја помага и го поддржува нејзиниот прием во НАТО.