Со изведување на материјални докази денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжува судењето за незаконското финансирање на невладината организација „Меѓународен сојуз”, каде заедно со основачот Бојан Јовановски, обвинети се уште четири лица.
Првообвинетиот Бојан Јовановски, на почетокот, побара изземање на судијката Софче Гаврилова Ефремовска, поради како што рече, пристрасност, бидејќи била дел од судечкиот совет на случајот „Рекет“.
Судијката, рече дека, барањето ќе биде проследено до претседателот на Судот, по што рочиштето продолжи со изведување на материјални докази, предложени од Обвинителството.
Јовановски, пред судот, се пожали и дека од специјалист му е наложено во следниот месец да биде на строга терапија и во легната состојба, како и дека не може да го следи изведувањето на доказите.
За случајот со невладината организација Меѓународен сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски, како потпретседателка на невладината организација е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.