Европската комисија денеска побара од земјите-членки на ЕУ да ја прошират употребата на брзи анагени тестови, кои се помалку сигурни од стандардните ПЦР за коронавирус, но се поевтини и помагаат за пронаоѓање на контактите на заразените лица.
Во необврзувачка препорака ЕК ги повика 27-те земји членки на ЕУ да користат заеднички сет на тестови за Ковид-19, што ќе ги олесни прекуграничните патувања за време на пандемијата.
– За да го забавиме ширењето на коронавирусот, мораме да го зголемиме тестирањето, истакна претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Комисијата соопшти дека ќе потроши 100 милиони евра за купување на брзи анагени тестови и нивна испорака во земјите членки на ЕУ. Покрај тоа, планира да даде и 35,5 милиони евра на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина за обука на персонал и подготовка на тимови за вршење тестирања.
Според најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, од почетокот на пандемијата во Европа се потврдени над 275.590 смртни случаи како последица на коронавирусот.