Во август 2012 година британските археолози предводени од Ричард Бакли од Универзитетот Лестер ги започнаа ископувањата на просторот кој денес е паркинг на општината Лестер, каде што се претпоставува дека некогаш имало манастир со гробницата на кралот Ричард Трети. Во септември истата година, археолозите објавија дека ги откриле автентичните останки на Ричард Трети, чија автентичност е потврдена преку генетските испитувања направени во февруари 2013 година, пренесе Макфакс.
Првите резултати од истражувањето на останките на кралот и неговото последно почивалиште се објавени во мај годинава во магазинот Antiquity. Археолозите потврдиле дека Ричард Трети страдал од сколиоза, бил ранет неколкупати во битката на Босворт, а неговото тело настрадало и од изживување по неговата смрт.
Научниците ги реконструирале и околностите на погребот на кралот, за што нема податоци во средновековните хроники. Ричард Трети бил погребан во една мала, грубо ископана дупка, чија должина е значително помала од растот на монархот. Тој немал погребен покров и ковчег, а рацете на кралот биле врзани. Судејќи според положбата на телото, Ричард бил погребан набрзина и без соодветните ритуали. Ова потврдува дека Ричард Трети го погребале победниците во битката кај Босворт, а не некои од преживеаните негови приврзаници, заклучуваат научниците.
Ричард Трети бил четвртиот син на војводата од Јорк и Сесилија Невил, ќерка на помладиот брат на кралот Едвард IV. Тој бил голем воин и стратег. Во 1482 година станал командант на војската на кралот Едвард IV, а во 1483 година станал регент на синот на кралот – Едвард V. Ричард станал крал во јули истата година, отстранувајќи ги Едвард и неговата мајка. Неговата власт траела само две години. Бил убиен во битката на полето Восворт при сузбивање на бунт, и бил погребан на гробиштата на францисканскиот манастир во Лестер.