Хуманата и просветителска активност на браќата Кирил и Методиј остави неизбришливи траги во историјата на Европа, во историјата на нашата земја и токму затоа, наша обврска и должност е да ја негуваме нивната мисија, истакна заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ синоќа пред почетокот на монодрамата „Јустинијан Први“ на Јордан Плевнеш во изведба на актерот Петар Темелковски, на затворањето на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.
Културата, како што рече, е мост на поврзување меѓу Македонија и Италија, која е наш партнер и на полето на евроинтеграциите и приближувањето кон големото европско семејство, а оваа манифестација е одлична можност за промоција на културата и уметноста.
– Преку негувањето на делото на словенските просветители, истовремено го потврдуваме нашето искрено пријателство и заедно до целиот свет ја испраќаме хуманата порака на Свети Кирил и Методиј за дијалог и меѓусебно разбирање, рече Недељковиќ.
Актерот Темелковски пред многубројните дипломати и пријатели на Македонија во базиликата „Сан Џовани деи Фиорентини“ ја изведе монодрамата „Јустинијан Први“, ликот на еден од најголемите римски императори, кој потекнува од скопски Таор. Претставата ја раскажува последната ноќ од животот на византискиот император, кој го исповедува речиси целиот живот. Со оваа претстава Република Македонија дава свој придонес во одбележувањето на 1700–годишнината од Миланскиот едикт, кој претставува јавна објава за непречена слобода на вероисповедта, која била потврдена од големиот византиски цар, Јустинијан Први.
Вчера во базиликата Сан Клементе во Рим митрополитот Преспанско – пелагониски г. Петар чиноначалствуваше со молебенот на гробот на Свети Кирил, а пред неговите мошти се поклони и државната делегација предводена од претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски.
Првиот парламентарец и членовите на македонската државна и црковна делегација беа примени од поглаварот на Римокатоличката црква. Ова беше првпат македонска делегација да се сретне со новиот папа Франциско, инаугуриран на 14 март оваа година.