Годишнината од студентскиот бунт против хунтата во 1973 година во Грција, традиционално, секоја година на 17 ноември се одбележува со протестен марш од Политехничкиот факултет до амбасадата на САД во Атина, но годинава, поради карантинот е воведена забрана за јавни собири на четири и повеќе лица, нешто што предизвика остри реакции кај левичарско ориентирани партии, кои со заеднички текст сметаат дека е противуставна одлука и бараат да се повлече.
Од грчката полиција, во саботата соопштија дека во рамките на мерките за справување со коронавирусот од 15 до 18 ноември се забрануваат секакви јавни собири со учество од четири или повеќе лица, а за прекршувачите предвидени се казни од 300 до 5.000 евра.
Оваа одлука доаѓа откако одредени здруженија, организации, но и политички партии најавија дека и покрај карантинот, сепак ќе одржат протестен марш, секако со сите неопходни мерки за заштита од Ковид-19.
Забраната од полицијата отвори дискусија дали и колку е уставна и предизвика остри реакции во Грција.
Од Здружение на судии и обвинители преку соопштение коментираа дека е противуставна, додека пак опозициските партии СИРИЗА, Комунистичката партија и МЕРА25, потпишуваат заеднички текст во кој бараат Владата да ја повлече одлуката.
-Државата мора да го заштити јавното здравје во услови на пандемија, без да ги надмине границите на владеењето на правото. Здружението на судии и јавни обвинители смета дека конкретната одлука за општа забрана за собири низ целата територија е надвор од уставните рамки и треба веднаш да се повлече, соопштија од Здружение на судии и обвинители на Грција.
Токму ова, споменато е и во заедничкиот текст на трите грчки левичарско ориентирани партии, текст што доаѓа по иницијатива на Комунистичката партија на Грција, а го потпишуваат и професори, новинари, членови на синдикати итн.
Велат дека ја осудуваат „авторитарната одлука на Владата“ за забрана на прославата на 17-ти ноември, коментираат дека таков вид забрана, согласно Уставот, може да се примени само во услови на опсада и бараат веднаш да се повлече.
-Одлуката на началникот на грчката полиција, со која се забрануваат јавни собири на повеќе од три лица низ целата земја за четири дена, под закана од високи казни, нè води во други времиња. Станува збор за одлука што е длабоко недемократска и противуставна, како што истакнува Сојузот на судии и јавни обвинители, бидејќи го крши јадрото на уставното право за собири (член 11), наметнувајќи целосно неовластено суспендирање на слободата на собирање, а не само одредено локално ограничување, пишува во текстот.
Конкретниот текст, утрово беше доставен до претседателот на Парламентот, а напладне грчката претседателка ќе ги прими претставниците на СИРИЗА, Комунистичката партија и МЕРА25.
Текстот доаѓа по вчерашните телефонски разговори на првиот човек на Комунистичката партија со лидерите на СИРИЗА и МЕРА25, додека пак денеска Алексис Ципрас ќе разговара со претседателите на опозициските партии.
Засега, од Владата нема најави за повлекување на одлуката, според која за прекршување на забраната за собири на четири или повеќе лица, предвидена е казна за организаторите на собирите, односно 5.000 евра за правни субјекти и 3.000 евра за физички лица, додека пак учесниците ќе бидат казнети со 300 евра.