САД и Израел денеска изразија надеж за обновување на блискоисточниот мировен процес наспроти недоволниот напредок, постигнат изминатите два месеци од американскиот секретар Џон Кери за враќање на Израелците и Палестинците на масата за преговори.
На денешната средба во Ерусалим Кери го пофали израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за „сериозноста“ со која се обидува да ги оживее надежите за мир. Американскиот државен секретар изрази оптимизам, иако не посочи конкретна стратегија за излез од ќорсокакот.
– Го познавам овој регион доволно добро и знам дека постои скептицизам, а исто така и цинизам на некои места, за што има и причини, изјави Кери пред новинарите, нагласувајќи дека со методичност, конкретност и трпение ќе може да се договори пат напред кон постигнување на мир.
Нетанјаху, исто така, изрази оптимизам дека мировниот процес со Палестинците ќе биде обновен, бидејќи тоа го сакаат и двете страни. – Кога има желба, има и начин, нагласи израелскиот премиер.
Подоцна Џон Кери се сретна во Рамала со палестинскиот претседател Махмуд Абас.
– Немаме нереални очекувања. Ги знаеме големите пречки, изјави палестинскиот портпарол пред средбата, истакнувајќи дека најголема пречка е изградбата на еврејски населби на Западниот брег и во Источен Ерусалим.