Шефот на британската дипломатија, Доминик Раб, синоќа изјави дека одлуката на Белорусија да протера двајца британски дипломати е целосно неоправдана.
„Протерувањето на двајцата британски дипломати од Белорусија поради легитимно набљудување на протест е целосно неоправдано“, напиша Раб на Твитер.
Раб тврди дека белорускиот претседател, Александар Лукашенко, не може „да го сокрие угнетувањето на неговиот народ“.
„Единствен начин да се оди напред се слободни и фер избори и изведување пред лицето на правдата на одговорните за насилствата врз демонстрантите“, додада Раб во твитот.
Белоруското Министерство за надворешни работи прогласи двајца дипломати од британската Амбасада во Минск за персона нон грата, претходно вчера соопшти портпаролот на министерство, Анатолиј Глаз.
-Мистерството за надворешни работи донесе одлука да прогласи двајца дипломати на британската Амбасада за персона нон грата поради активности што не се во согласност со статусот на дипломатски агент, статусот дипломат и со целите за останување во Република Белорусија, рече Глаз за ТВ ОНТ.
Британските медиуми наведуваат дека одлуката е донесена поради наводна „деструктивна активност“ на дипломатите.