Се соочуваме со многу мрачна зима, предупреди новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден, кој даде изјава за пандемијата на коронавирусот во Вилмингтон, Делавер, по првиот состанок на неговиот новоформиран тим за борба против епидемијата, пишува „Гардијан“.
На почетокот на својот говор, Бајден ја поздрави веста дека кандидат-вакцината на Пфајзер покажала 90 отсто ефикасност. Но, тој истакна дека земјата е се уште далеку од надминување на здравствената криза.
Според него, следните месеци ќе бидат многу тешки за САД.
– Предизвиците што претстојат сè уште се огромни и продолжуваат да растат, предупреди Бајден. Според него, ќе поминат „многу месеци“ пред вакцината да биде „широко достапна“.
Поранешниот потпретседател повторно ги повика сите Американци да носат маски за да го ограничат ширењето на коронавирусот.
– Можеме да спасиме десетици илјадници животи ако сите носат маска во следните неколку месеци. Не демократски или републикански, туку американски животи, рече Бајден.
– Ве молам, ве преколнувам, носете маска, рече Бајден.