Милчо Манчевски ја освои престижната награда за најдобар режисер на фестивалот Рејнденс во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот, каде неговиот филм „Врба“ ја имаше британската премиера.
Жирито предводено од оскаровецот Џереми Ајронс ги додели престижните награди во осум категории, а „Врба“ имаше номинации за најдобар филм и за најдобар режисер, соопштија од продуцентската куќа „Банана филм“.
На денешната церемонија што се одвиваше онлајн, Манчевски им ја посвети оваа награда на двете британски продуцентски легенди, Сајмон Пери, кој беше најзаслужен за да се случи неговиот прв филм „Пред дождот“, и на покојниот Ник Пауел, кој стои зад „Врба“.
Ова е трет трофеј што „Врба“ го освои во рок од две недели, откако минатата недела шпанската и американската премиера беа крунисани со престижната Сребрена палма во Валенсија во Шпанија и наградата за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД.
Британската премиера на „Врба“ на Рејнденс беше на 5 ноември во селекцијата Женски поглед. Организаторот на фестивалот го издвои „Врба“ како еден од хитовите на програмата.
Поради пандемијата на Ковид-19, 28. Рејнденс годинава се одржа во хибридна форма, и онлајн и во живо во центарот на Лондон, со над 50 светски и британски премиери. Победата во конкуренцијата за краток филм на Рејнденс исто така носи и квалификација за Оскар и за наградите БАФТА.
За една година од светската премиера на Римскиот филмски фестивал, „Врба“ освои вкупно пет трофеи, постигна рекорди во кино и тв прикажувањето дома, доби одлични критики во светските медиуми, над 20 фестивали на четири континенти. Филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо што времено беше запрено поради Ковид-19 пандемијата. Исто така, се очекува наскоро „Врба“ да се врати и во македонските кина, како дел од програмата на кино Синеплекс во Скопје.
Воедно, новиот филм на Манчевски „Кајмак“ доби поддршка и од данската држава – од Данскиот филмски институт, а дански продуцент на филмот е славната Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентката на филмовите „Меланхолија“ и „Антихрист“ на Ларс фон Трир, на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ за кој Глен Клоус доби номинација за Оскар, како и на хит сериите „Премиерката“ и „Рагнарок“.
„Кајмак“ е поддржан во првиот рок на одлучување на конкурсот на Агенцијата за филм, како проект со мнозински македонски удел, а во него се активни продуценти од дури осум држави – Данска, Велика Британија, Белгија, Луксембург, Полска, Унгарија, Албанија и од Словенија.