Судот за злосторства на ОВК во Хаг синоќа ги повика жртвите на кривичните дела споменати во обвиненијата против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи да се јават и да учествуваат во судската постапка.
Судот во соопштение наведува дека жртвите можат да се пријават ако можат да покажат дека претрпеле штета, вклучително и физичка, душевна или материјална, како директен резултат на кривичните дела од потврденото обвинение.
– Гласот на жртвите е неопходен за остварување на правдата. Преку нивниот претставник, жртвите кои учествуваат во постапката можат да ги остварат правата што им се дадени според нашите важечки регулативи и да се погрижат нивниот глас да биде слушнат пред надлежните судии, рече претседателката Екатерина Трендафилова.
Говорејќи за важноста на учеството на жртвите, обвинителот Џек Смит рече дека кривичните дела во обвинението се сериозни и оти во грижата за тоа правдата да се задоволи, не смеат да се заборават страдањата на жртвите.
– Учеството во постапката може да им даде сила на жртвите и да обезбеди нивниот глас да се слушне, рече обвинителот Смит.