Имаме Договор за добрососедство со Бугарија за кој што дискутираше и одлучуваше Собранието. Таа одлука е донесена. За идентитетот и јазикот нема да се дискутира. Во делот на историските факти, формирана е комисија од стручњаци кои што ќе зборуваат за факти, за историски личности и за историски настани, изјави денеска Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата, одговарајќи на новинарско прашање за тоа кој е неговиот став за меморандумот на Бугарија.
Прашан зошто не присуствуваа на седницата на собраниската Комисија за надворешни работи, Митрески рече дека, како пратеници не гледа потреба дека Собранието треба да дискутира и одлучува за нешто што е факт.
– Јас сум Јован Митрески, јас сум Македонец и зборувам на македонски јазик и тоа е факт. Ако некој мисли дека во Собранието треба да се зборува за ова, тогаш најблаго кажано, се излажал, изјави Митрески.
Очигледно, посочи тој, во оваа нивна намера има и други цели.
– Прво не се израдуваа на членството во НАТО, сега прават се да го спречат патот на државата кон ЕУ. Мене ми е жал за тоа што се случува, можам да кажам само нека им служи на чест за се ова што го прават за нашата држава, изјави Митрески.
Во однос на бугарскиот меморандум, Митрески, нагласи дека не станува збор за допаѓање или недопаѓање, туку за факти.
– Никаде, никој ниту преговарал за нашиот идентитет, македонски и за македонскиот јазик. Ви кажав која е намерата и нека им служи на чест тоа што го прават, изјави Митрески.
Во однос на тоа дали е профатлива изјавата на Захариева дека услов за почеток на преговори е да прифатиме дека имаме бугарски корени, Митрески рече не, посочувајќи дека тоа е факт кој што го кажале илјадници пати.