„Сребрена палма“ за „Врба“ на Манчевски во Валенсија

Од:

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ја освои престижната „Сребрена палма“ на филмскиот фестивал во Валенсија, Шпанија. Жирито на 35. издание на еден од најголемите европски фестивали синоќа му ја додели наградата со образложение дека е „одлично режиран филм што го истражува концептот на мајчинството низ потрагата по љубов на три жени“.

Како што соопшти „Банана филм“, ова беше многу успешна недела за „Врба“ во која освои две награди на два континента – „Сребрената палма“ ја круниса шпанската премиера, а во понеделникот доби награда за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД, каде ја имаше американската премиера.

Режисерот Манчевски лично присуствуваше во Валенсија, а неговиот филм имаше одлични одгласи во шпанските медиуми. Во ласкавите оценки на шпанската критика за „Врба“ се вели дека е „величествен филм“, „брилијантен, перфектно балансиран“, „ Манчевски мајсторски ги испреплетува трите приказни“, „им пристапува на овие многу женски искуства со најголема почит и чувствителност“, „две моќни, предизвикувачки и прекрасно одиграни драми“, како и дека: „Емоционалните предизвици на бременоста и посвојувањето се рефлектираат со толку многу вистина, чувствителност и почит што се чини неверојатно дека ова женско дело е режирано од маж. Манчевски тврди дека ‘луѓето се луѓе’ и дека ‘Врба’ зборува за човечките искуства“.

Двете награди неделава за „Врба“ се надоврзуваат на големите интернационални успеси изминатиов период. Во септември беше избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како Европски Оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон, кој ќе се одржи во ноември.

Во изминатава една година од светската премиера на фестивалот во Рим, „Врба“ постигна рекорди во кино и тв прикажувањето дома, одлични критики во светските медиуми, над 20 фестивали на четири континенти, и четири награди, а филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо што времено беше запрено поради Ковид-19 пандемијата. Се очекува следната недела „Врба“ да се врати и во македонските кина, како дел од програмата на кино Синеплекс во Скопје.

Новиот филм на Манчевски „Кајмак“ доби поддршка и од данската држава – од Данскиот филмски институт, а дански продуцент на филмот е славната Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентката на филмовите „Меланхолија“ и „Антихрист“ на Ларс фон Трир, на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ за кој Глен Клоус доби номинација за Оскар, како и на хит сериите „Премиерката“ и „Рагнарок“. „Кајмак“ е поддржан во првиот рок на одлучување на конкурсот на Агенцијата за филм, како проект со мнозински македонски удел, а во него се активни продуценти од дури осум држави: Данска, Велика Британија, Белгија, Луксембург, Полска, Унгарија, Албанија и Словенија.

Би можело да ве интересира

„Кајмак“ на Манчевски награден на фестивал во Палермо

Уште една награда за Милчо Манчевски, овојпат во Италија

Награда за „Кајмак“ на Манчевски во Калифорнија

„Кајмак“ претставен на Сараевскиот филмски фестивал

Предраг Петровиќ

Лазаревски реагира на објавата на Венецискиот филмски фестивал: Нема прогон на автор, туку расчистување на финансиски злоупотреби

Сара Климоска најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Сомбор