„Не знаеме дали е жив или мртов“: Роднини на пациенти заразени од Ковид-19 со денови немаат одговори за најблиските

Од:

Со денови роднини на пациенти вртат на телефонските броеви на Инфективната клиника во Скопје, обидувајќи се да дознаат како се нивните најблиски заболени од коронавирусот. Напливот на пациенти, очигледната неможност на здравствените власти да се справат со есенскиот бран на коронавирусот, но и недоволниот број здравствени работници, си го направи своето – пациентите и нивните семејства страдаат, секој на свој начин. Дел тврдат дека и покрај симптомите не се примаат во болниците затоа што нема место, а дел, пак, велат дека со денови не знаат какво е здравјето на нивните најблиски, бидејќи никој не одговара на телефонските повици.

„Ни дадоа телефонски број за да се јавуваме и да прашуваме како е мојот тетин, кој веќе 11 дена лежи на Инфективната клиника. До пред три дена бевме во контакт, ни пишуваше, бараше да му носиме вода. Пред три дена престана да ни пишува и тоа сериозно не загрижи, па почнавме да вртиме на телефонскиот број што ни го оставија. Вртевме можеби по 50-60 пати дневно, но не се јавуваше никој. Свесни сме дека таму е сега хаос, но ние како семејство имаме целосно право да бидеме запознаени со здравјето на нашиот најблизок, кој патем страда од дијабет и има вградени стентови“, сведочи скопјанката Марија А., за „А1он“.

Таа ни ги даде телефонските броеви кои им биле оставени од страна на медицинскиот персонал. Нашата редакција се обиде да ги добие десетина пати, но линијата или беше зафатена, или пак не се јавуваше никој.

Марија А., во неможност да добие било каква информација за нејзиниот тетин, се обрати и на социјалните мрежи.

„Ве молам да ми кажете како можеме да добиеме информација за човекот, бидејки е стресно за целата фамилија кога немаме никаква информација за пациентот. Дали треба да викнеме телевизија и полиција, да ви покажеме дека по 50-60 пати на ден вртиме на дадените броеви, но за жал никој не крева, но затоа имате време да се јавите и да ја известите најлошата информација на фамилијата. Секој ден носиме вода на пациент, немате вода да им дадете?
Апелирате да се чуваме и заштитуваме, а самите не носите во ризик со тоа што секој ден треба да носиме вода. Како што јавно сите телевизии известуваат како министер бил заразен, така јавно сакам да изјават дека ние обичните луѓе имаме блиски и драги личности за кои исти така сакаме да добиеме информации“, напиша таа.

По објавениот статус, пишува Марија, ја контактирале луѓе кои имале познати на Инфективната клиника во Скопје, па успеале да дознаат дека нејзиниот тетин е во лоша состојба и дека е на еден чекор пред да биде ставен на респиратор.

„Оваа вест ја примивме преку ‘врски’, од луѓе на социјалните мрежи. Се прашувам што ли ќе беше ако не напишев јавно, никогаш немаше да дознаеме дека состојбата на мојот тетин е влошена“, вели таа.

Според вчерашните, последни информации од Министерството за здравство, на Инфективната клиника се хоспитализирани 152 пациенти, од кои 110 се на кислородна поддршка.

Би можело да ве интересира

Пензионер од кочанско почина од компликации од Западно-нилска треска

Катерина Ѓуровски

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

Питомци од Воената академија побарале лекарска помош на Инфективната клиника во Скопје

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Дали е точно дека лица со Ковид на кои им е потребен респиратор не се примаат на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава