Опозициските лабуристи го „спасија“ британскиот премиер и лидер на владејачката Конзервативна партија Дејвид Камерон од „понижувачки пораз“ при гласањето за владиниот закон за легализација на хомосексуалните бракови во Велика Британија.
Само благодарејќи на гласовите од лабуристичките пратеници и на либералните демократите, закон за кој се залага Камерон го помина второто читање.
Предлог-законот предизвика поделени мислења во домашната јавност и целосна поделба во редовите на ториевците. Дури 100 конзервативни пратеници се против владиниот закон, обвинувајќи го Камерон дека „целосно го загубил чувството за мислењето на гласачите“.
На синоќешното гласање, сепак, само 70 конзервативни пратеници гласаа „против“, што беше недоволно за отфрлање на законот зад кој застанаа лабуристите, коалицискиот партнер на ториевците – либералните демократи и ториевските пратеници кои му останаа лојални на својот лидер.
Ваквата разврска при гласањето ги „спаси“ Камерон и владиниот предлог кој денеска е на последното трето читање, по што ќе биде спроведено и конечното гласање. Доколку предлог-законот помине и овојпат, како што и се очекува, хомсекусалните браковите ќе бидат официјализирани во Англија и во Велс.
Од утре, законот ќе се најде на дневен ред пред членовите на Горниот дом, Домот на лородовите, каде се очекува уште поостра дебата и поголемо противење.
Во Парламентот, всушност, се расправа и гласа за верзијата што ја понуди опозицијата, која настојувајќи да спречи целосно пропаѓање на законот, понуди амандман со кој, во основа, се проширува сегашното „цивилно партнерство“ со кое се озаконети врските меѓу хомосексуалците.
Со амандманот на лабуристите се предвидува промената на законот за „цивилно партнерство“ да се изврши порано, а не за една година, како што тоа претходно беше предвидено.
Во дебатата Камерон изјави дека озаконувањето на геј браковите е можност британското општество да биде „по фер и поправедно“. Лондонските медиуми меѓутоа забележуваат дека премиерот Камерон по втор пат, едноподруго, доживува да биде понижен и посраметен во Парламентот, соочувајќи се со голем „бунт“ на своите пратеници, кои не се согласуваат со политиката што тој ја води.