Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас рече дека одливот на мозоци е проблем во земјите од Западен Балкан, поради што предложи реформи и вети поддршка од Европската унија.
На отворањето на конференцијата „Младите, миграцијата и демографските предизвици на Западен Балкан“ вчера во Берлин, Мас истакна дека Европа не е против миграцијата, но дека е невозможно да се игнорираат проблемите што ги создава оваа појава во земјите од Западен Балкан.
На почетокот на својот говор, германскиот министер истакна дека целта на конференцијата не е запирање на миграцијата и дека три децении по падот на Железната завеса, Европа е свесна за фактот дека сите такви обиди биле осудени на пропаст.
– Слободното движење е вкоренето во генетскиот код на Европската унија и услов за подготвување на младите за живот во глобализиран, меѓусебно поврзан свет, рече Мас.
Од друга страна, не можеме да ги игнорираме проблемите што ги предизвикува одливот на мозоци во земјите од Западен Балкан, рече германскиот министер, додавајќи дека податоците за ова се вџашувачки.
Мас истакна, дека според списанието „Економист“, населението во Босна и Херцеговина ќе се намали за една третина до 2050 година во споредба со истиот број во 1990 година и дека слични податоци има и за Албанија и Србија. Тој, исто така, рече дека истражувањето на Советот за регионална соработка покажува дека 71 процент од младите од Западен Балкан размислуваат да заминат во странство.
Германскиот министер посочи дека клучна причина за заминување во странство се повисоките плати, но исто така и незадоволството од образовниот систем, здравството и социјалниот систем, вработувањето засновано врз познаници, а не според личните перформанси, како и нивото на корупција, како што покажа неодамнешното истражување на фондацијата „Фридрих Еберт“. Со уште повеќе проблеми се соочуваат малцинствата, како што се Ромите, кои се жртви на дискриминација, додаде тој.
Поради ваквата состојба, важно е да се спроведат реформите, рече Мас и претстави предлог од три точки.
Како прво, треба да инвестираме во иднината, рече германскиот министер и посочи дека поради пандемијата, многу компании се повеќе размислуваат да го преселат своето место на производство во Европа и дека географската положба на Западен Балкан е идеална. Меѓутоа, основата за успешна инвестиција е спроведување на реформите за борба против корупцијата и бирократијата, рече Мас. Тој додаде дека последниот извештај на Европската комисија покажува дека е потребна поголема посветеност во областа на владеењето на правото и одговорното управување и дека ЕУ останува посветена да го поддржи Западен Балкан во спроведувањето на тие барања.
Второ прашање што што треба да се реши поради проблемот со одлив на мозоци е да се стави крај на проблемите од минатото, а ова особено се однесува на Косово и на Србија, како и на Босна и Херцеговина, рече Мас.
– Дозволете конечно да ги оставиме демоните од минатото зад нас! Тие само го блокираат патот на вашата земја кон подобра иднина, потенцираше Мас.
Последната точка од планот на Мас за спречување на одливот на мозоци од Западен Балкан е нивно придружување во Европската унија, каде што повеќето млади ја гледаат својата иднина.
– А ако Европската унија не дојде до нив, тие ќе дојдат до неа, оцени германскиот министер.