Кипарските даночни обврзници ќе дадат над 43.000 евра за нова лимузина за поранешниот претседател Димитрис Христофиас, соопштуваат кипарските грчки медиуми.
Според информација на весникот „Филелефтерос“, Министерството за финансии побарало од парламентот под итно да се доделат пари за „БМВ 730“. Цената на оваа марка автомобили, во зависност од опремата, може да надмине 80.000 евра.
Возилото, избрано за Христофиас, е суперлуксузно и блиндирано. Претседателскиот автомобил „Мерцедес“, што беше користен за време на мандатот на поранешниот претседател, му е даден на обезбедувањето на актуелниот шеф на државата Никос Анастасијадис.
Парламентот вчера не го одобри овој трошок, но се очекува тоа да се случи следната недела. Весникот „Алитија“ посочува дека Јоргос Пердикис од Движењето на еколози побарал да се укинат сите привилегии за поранешните претседатели на Кипар, како што се возила со возач и секретар.