Стотина деца во изминатите пет години учествувале на работилници во Музејот на тетовскиот крај за стекнување на основи за ликовно сликање, фотографирање и филм. Работилницата, според уметниците организатори, се покажала како значајна основа за насочување на децата како ученици во средното образование, но и на Уметничката академија.
-Дваесетина деца излегле од тука со голема заинтересираност да учат и практикуват уметност па како ученици се запишале во средното уметничко училиште. Двајца од нив веќе се запишани и на Уметничката aкадемија, вели ликовниот уметник Славчо Максимовски.
Тој заедно со Глигор Кондовски, е активен во сферата на филмот и фотографијата, и ги обучуваат децата.
-Дечињата ги учат основите на ликовното сликање, а секоја година се реализира и годишна изложба од сите сработени дела. Часовите ги држиме во Музејот на тетовскиот крај, а последниот период на отворено заради ситуацијата со корона кризата. Децата ја истакнуваат својата креативност. Учиме различни техники за цртање и сликање за деца од различни возрасти, почнувајќи од девет години па натаму, вели Славчо Максимовски.
Сите учесници на работилницата учествуваат и организираат годишна изложба. Во септември годинава дел од децата се претставија и на изложба на слики со православна тематика која беше дел од фестивалот на духовна музика ТЕХО.