Ретроспективно-монографска изложба на Ѓорѓи Шијаковиќ во Уметничка Галерија Куманово

Од:

Во Уметничката галерија Куманово вечерва ќе биде отворена ретроспективно монографската изложба на Ѓорѓе Шијаковиќ, на која ќе бидат презентирани четириесет слики, а ќе биде промовирана и книга за неговото творештво од Гоце Божурски.

– Отворањето на изложбата ќе биде кусо согласно протоколите. Значајно е што после отворањето делата ќе може да ги види и публиката согласно протоколите. Секако, изложбата ќе биде поставена наредните десетина дена, така што сите заинтересирани ќе можат да ги видат делата, вели Гоце Божурски, историчар на уметност и сликар, советник во НУ Музеј-Куманово

Шијаковиќ е еден од основоположниците на македонската наива и е застапуван на значајни меѓународни изложби како претставник на тогашната југословенска наивна уметност (заедно со Вангел Наумовски, како единствени од РМ), а самостојно излагал во Скопје (1969) и Загреб (1971). После половина век, Музејот од Куманово го (ре)открива овој исклучителен автор со интересна биографија како врвен творец од областа на наивата со национална и интернационална естетска вредност (застапен во World Encyclopedia of Naive Art).

Учествувал на значајни меѓународни изложби на наивата во Братислава (1972), Загреб (1970, 1973), Светозарево (денешна Јагодина, 1970, 1975), Хлебине и други.

– Освен што, временски и генерациски е еден од неколкуте основоположници на наивата кај нас, Ѓорѓе Шијаковиќ заслужува целосен респект, а според квалитетот и вонвременски вредности на неговото творештво беше препознаван идентитетот на македонската наивна уметност во тогашниот југословенски и меѓународен контекст, пишува Божурски.

Во раните 70-ти години е сниман документарен филм за него и неговото творештво од страна на францускиот режисер Jean Marie Drot, кој на француската телевизија наишол на огромен интерес кај тамошната публика, а кај нас никогаш не е прикажан. Добитник е и на повеќе меѓународни награди, како Златен кентаур од Италија, златен медал од Академијата за труд од Италија и други. Застапен е во енциклопедија на наивната уметност во светот.

Ѓорѓе Шијаковиќ е роден 1901 година во Цетиње (Црна Гора), по што неговото семејство се сели во Америка каде што завршува образование и се враќа на овие простори 1914 година како вработен во американскиот Црвен крст. Пред Втората Светска Војна работи како сметководител и преведувач од англиски во рудниците „Трепча“ во Косовска Митровица (Звечан“) и „Злетово“ (Добрево). Бил заробен во Италија, а по ослободувањето работи како шеф на книговодство и преведувач во повеќе трговски претпријатија во Скопје, но и во Државниот секретаријат за стопанство и Извршниот совет на РМ. Почнува да слика по пензионирањето во 1962 година.

Би можело да ве интересира

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски

Изложба „Простор и тишина“ на Билјана Билбилоска