Секторот за инспекциски работи на Општина Центар изминатата недела изврши отстранување на четири помошни објекти во населбата Маџир Маало, односно на булеварот „Гоце Делчев“.
– На барање на жителите кои живеат во овој дел на општината, отстранети се објекти кои се наоѓаа на просторот веднаш под Железничкиот мост, кој ги поврзува општините Центар и Аеродром. Овој запуштен простор, населен од бездомни семејства и полн со диви депонии, беше извор на загадување и зарази и претставуваше голем проблем на жителите од околните места и на минувачите, велат од Општина Центар.
– Со целосно почитување на постапката и законските одредби, откако инвеститорите по издаденото решение за самостојно отстранување не ги отстранија објектите , Секторот за инспекциски работи со помош на механизација пристапи кон присилно отстранување. По отстранувањето на објектите, општината го исчисти просторот и дополнително истиот ќе биде уреден, информира Општина Центар.
Оттаму известуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со активностите со нелегално изградените објекти и воедно апелираат до граѓаните да не градат каде што тоа не е предвидено, да ги почитуваат законите и да се придржуваат до постоечките правилници за градба, со цел заштита на животната средина и со тоа Центар да биде еколошко, пристојно и современо место за престој и живеење.