Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај изјави дека е уверен оти со партнерите во владината коалиција, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Социјалдемократската иницијатива (Нисма), ќе најдат решение за нов претседател на Косово, откако на актуелниот претседател Хашим Тачи ќе му престане мандатот.
Одговарајќи на новинарски прашања по денешната средба со лидерите на ЛДК и Нисма, Иса Мустафа и Фатмир Лимај, Харадинај одби да одговори дали неговата партија ќе ја напушти Владата на премиерот Авдулах Хоти (ЛДК) доколку коалицијата не прифати тој да биде иден претседател на државата.
– Не се занимаваме сега со тие работи на напуштање или останување. Зафатени сме со работи во овие ситуации кои можат да бидат прилично напорни и веруваме дека заедно ќе дојдеме до потребните решенија. Немам одговор на тоа прашање сега, во иднина ќе разговараме како ќе се одвиваат тие процеси, рече Харадинај.
На актуелниот претседател на Косово Хашим Тачи петгодишниот мандат му истекува во мај идната година, но тој најави дека и пред тоа ќе поднесе оставка доколку Меѓународниот суд за Косово, чие седиште е во Хаг, го потврди обвинението против него за злосторства во и непосредно по војната со Србија во 1998-99 година.
Од ААК во последно време повеќе пати порачаа дека тие, доколку коалициските партнери не го прифатат нивниот лидер за заеднички кандидат за нов претседател на државата, ќе излезат од Владата и земјата ќе оди на предвремени избори.
Дел од приштинските медиуми објавија дека во текот на утрешниот ден се очекува Трибуналот во Хаг да ја објави одлуката дали против Тачи и лидерот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК) и поранешен собраниски спикер Кадри Весели, ќе биде покренато обвинение, како што бара специјалното обвинителство во рамките на судот.
Харадинај по денешната средба со коалициските партнери, одржана во Собранието на Косово, изјави дека верува оти обвинение против Тачи и Весели, како едни од основачите и водачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), нема да биде подигнато.
– Веруваме и се надеваме дека предлог-обвинението нема да биде потврдено. И доколку биде, тоа нема да не поколеба во убеденоста за праведната борба на ОВК и невиноста на припадниците на ОВК на сите нивоа, рече Харадинај.
Поранешниот премиер и некогашен командант на ОВК вели дека државата „треба да продолжи да им помага на косовските граѓани кои може да бидат обвинети“, и тоа, како што нагласи, „не против правдата, туку заради неа“.
– Косово секогаш било на страната на правдата, веруваме во неа и знаеме дека правдата ја потврди исправноста на борбата на ОВК во сите ситуации. Знаеме сите дека борбата на ОВК беше праведна, рече Харадинај.