Голем помор на риба кај производителите на Крап во Тиквешко Езеро

Од:

Голем помор на риби кај производителите на крап се случува во моментот на Тиквешко Езеро, почнувајќи од утринските часови во текот на вчерашниот ден и сè уште трае.

Во моментот на удар се две помеѓу најголемите компании производители на крап во кафезен систем, „Златен крап“ и „Дошница“.

„Целото производство од преку 120 тона ни е загрозено. Настојуваме на секаков начин да интервенираме, вклучително и со додавање вештачки кислород во водата како би ја спречиле оваа катастрофа, но развојот на ситуацијата е сè уште неповолен“, велат од „Златен крап“.

Забележително е катастрофално ниското ниво на акумулацијата во изминатиот период и нејзиното интензивно празнење, кое трае и во моментот. Измереното ниво на кислород во водата е спуштено на алармантни 2 mg/L.

„Ова е за повеќе од половина од вообичаено присутниот кислород (4 до 5 mg/L) во нашите води, а кој е неопходен за опстојување и добра кондиција на рибата“, велат засегнатите.

И покрај тоа што позицијата на рибниците е точно над поранешното течение на Црна Река, овој помор до моментот се случува само во овој дел. До сега не е забележан помор на другите рибници, но ризикот секако постои, особено што пред неколку години истиот проблем се појави кај целата акумулација и тогаш беа уништени речиси 60-70% од производството на сите производители.

Со случајот се запознати челниците на Владата и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Уште во текот на вчерашниот ден направен е увид од Ветеринарен инспектор, земени се мостри од водата од страна на ИЈЗ Кавадарци, а однесени се мостри од водата и примероци од угината риба во Агенцијата за храна и ветеринарство во Скопје на дополнителни анализи и испитувања. Заедно со овие наоди, случајот ќе биде пријавен и во Министерството за внатрешни работи.

Би можело да ве интересира

Се излеаја фекалии, голем помор на риби во Вардар кај Градско

Катерина Ѓуровски

Помор на риби во Вардар, инспекторите на терен

Татјана Ташкова

Регистриран помор на риби во реката Кумановка

Емир Латифовиќ