Американскиот производител на автомобили „Џенерал моторс“ (ГМ) денеска соопшти дека во првата половина од годината остварил рекордна продажба на автомобили во Кина од 1,42 милиони возила, наспроти економското забавување на најголемиот пазар на автомобили во светот.
Продажбата на ГМ во Кина во првите шест месеци е зголемена за 11,3 проценти во однос на истиот период минатата година, се наведува во соопштението на компанијата.
Само во јуни, проджабата во Кина на годишно ниво е зголемена за 10,1 проценти, на 213.495 возила, со што е остварен нов месечен рекорд, се наведува во соопштението на компанијата.
– Наспроти индикаторите за забавување на економскиот раст на Кина, побарувачката за возилата на ГМ е зголемена во сите сегменти во првата половина од годината, изјави директорот на кинеската филијала на ГМ, Кевин Вејл.
Кинеската економијза забележа забавување, со раст од 8,1 процент во првиот квартал од годината, што е најнизок раст во изминатите три години.
Продажбата на возила, исто така, минатата година забележа пад, откако некои градови воведоа ограничување на бројот на продадени нови автомобили со цел да се намали сообраќајниот метеж и загадувањето.
Кинескиот пазар на автомобили минатата година оствари раст од само 2,5 проценти, на 18,51 милион возила во 2011 година, во споредба со годишниот раст од над 32 проценти во 2010 година.
ГМ во Кина минатата година продаде над 2,5 милиони возила.