На почетокот на грејната сезона, денеска АД ЕСМ, подружница „Енергетика” почна со испорака на топлинска енергија за корисниците кои се снабдуваат со греење преку топловодниот систем на „Енергетика“, а тоа се скопските населби Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром.
Парно греење добија 3700 домаќинства, детски градинки, основни и средни училишта и деловни субјекти.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевскио истакна дека во „Енергетика” се бележи зголемен интерес за нови приклучувања на системот на парно греење, како од индивидуални куќи, така и од новоизградени станбени згради во овие населби.
– Имаме поднесени барања за нови приклучоци кои во моментов се во фаза на реализација, бидејќи истите беа поднесни во втората половина на септември и првата половина на октомври, така што бројката на корисници дополнително ќе се зголемува, изјави Ковачевски при денешната посета на „Енергетика” и увидот во работите за старт на грејната сезона.
Од АД ЕСМ посочуваат дека во однос на проширувањето и реконструкцијата на топловодна мрежа, во завршна фаза е изработката на проектите, а реализацијата е планирана за наредната година. Со оваа инвестиција ќе се обезбедат нови приклучоци и греење за пошироко подрачје во населбите Железара и Хиподром, како и поквалитетно греење за постоечките корисници.