Република Северна Македонија се движи според сите европски вредности и Словенија во оваа прилика ќе продолжи активно да ја поддржува во процесот на евроинтеграцијата, во пресрет на почетокот на преговорите со Европската Унија, заклучија на денешната средба првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и амбасадорот на Словенија во Скопје, Милан Предан.
Како што соопшти Кабинетот на првиот вицепремиер, Груби изразил благодарност за пријателската поддршка од Словенија за демократските и евроатлантските процеси во земјава.
– За време на состанокот, Груби и Предан разменија мислења и за создавање услови за понатамошно продлабочување на економската соработка, владеењето на правото и доброто владеење. Во оваа насока, првиот вицепремиер Груби му порача на амбасадорот Предан дека сето ова ќе се постигне преку ветингот и неселективната правда со цел да се создадат еднакви услови за сите, се наведува во соопштението.
Соговорниците разговарале и за добрососедските односи, при што Груби го истакнал своето убедување дека граѓаните на нашата земја вложија многу во европскиот сон и дека нашите соседи ќе ја ценат желбата на нашето општество, поддржувајќи ја во духот на европската солидарност.
Груби ја пофалил улогата на Словенија во спроведувањето на многу демократски процеси во земјава и придонесот на словенечката амбасада во Скопје, додека од негова страна, амбасадорот Предан ветил на дека тој и Словенија ќе продолжат да соработуваат со Владата на Северна Македонија во спроведувањето на реформските процеси и економската соработка.