Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска во МВР имаше средба со амбасадорот на Република Словенија во нашата земја, Милан Предан.
Во фокусот на разговорите, покрај заедничката оценка за досегашната извонредно квалитетна и блиска билатерална соработка меѓу двете земји, во многу области од заеднички интерес, биле и процесите околу евроинтеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ, односно безрезервната поддршка на Словенија во насока на наше поскорешно отпочнување со претпристапните преговори со Унијата.
Како што соопшти МВР, во тој контекст, министерот Спасовски ја поздравил и се заблагодарил за таквата континуирана поддршка на Словенија во изминативе децении, потенцирајќи ја и поддршката во делот на конечното наше полноправно асоцирање во НАТО алијансата.
– Дополнително, како доказ за меѓусебното пратнерство и блискоста беше апострофирана и помошта и поддршката што ја имавме околу успешното справување, особено во текот на т.н. прв бран од пандемијата предизвикана од „Ковид – 19“, стои во соопштението од МВР.
Министерот Спасовски и амбасадорот Предан го потенцирале и партнерството во безбедносната сфера, односно во сегментот на спроведувањето на законите, пред сѐ меѓу ресорите за внатрешни работи на двете земји, особено со учеството на словенечките полициски службеници во заеднички операции со колегите од Република Северна Македонија за спречување на илегалната миграција и поголема контрола на нашата јужна државна граница.