„Не сум поднел и не барам одлагање на издржување на казната. Ќе постапам како што налага судот“, изјави за „А1он“, Зоран Милески-Кичеец, кој денеска требаше да се јави на издржување на затворската казна за случајот „Рекет“.
Тој најверојатно утре или во среда ќе се пријави во затворот во Шуто Оризари, со оглед на тоа што денеска бил неработен ден.
Милески на стартот на процесот „Рекет“ призна вина по што веднаш ја доби и пресудата, тригодишна затворска казна.
Освен Кичеец, во истиот процес на седумгодишна затворска казна е осудена и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и на девет годишна затворска казна неформалниот сопственик на поранешната 1ТВ, Бојан Јовановски попознат како Боки 13.
Кичеец, како што беше наведено во пресудата, бил посредник и договарал средби помеѓу Бојан Јовановски-Боки 13 и сопругата на бизнисменот Орце Камчев, Ана. Средби имале потоа и со Камчев кога тој излегол од притвор. На средбите тие барале и земале пари за Камчев да добие поблаг третман во случајот на СЈО, „Империја“, каде што тој е осомничен. Според пресудата, двајцата од Камчеви зеле околу 1,5 милиони евра.
Кичеец првично беше во куќен притвор, а по поднесувањето на гаранцијата во недвижности од 13 милиони денари, куќниот притвор му беше укинат.