Зоран Милески – Кичеец денеска треба да се јави на издржување на затворската казна од 3 години за случајот „Рекет“.
Од Основниот Кривичен суд велат дека со оглед на тоа што денеска е неработен ден, утре ќе се знае дали во меѓувреме поднел барање за одложување на казната или пак до вечер до полноќ ќе се пријави на издржување.
Ниту тој, ниту неговиот адвокат Александар Новакоски денеска не одговараат на телефонските повици.
Милески има можност да бара да се одложи неговото одење в затвор од повеќе причини, како што се болест, смрт или тешка болест на близок, за да заврши неодложни работи или, пак, за да се грижи за деца или немоќни лица.
Милески на стартот на процесот призна вина по што веднаш ја доби и пресудата.
Освен Кичеец, во истиот процес на седумгодишна затворска казна е осудена и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и на девет годишна затворска казна неформалниот сопственик на поранешната 1ТВ, Бојан Јовановски попознат како Боки 13.
Кичеец, како што беше наведено во пресудата, бил посредник и договарал средби помеѓу Бојан Јовановски-Боки 13 и сопругата на Орце Камчев, Ана. Средби имале потоа и со Камчев кога тој излегол од притвор. На средбите тие барале и земале пари за Камчев да добие поблаг третман во случајот на СЈО, „Империја“, каде што тој е осомничен. Според пресудата, двајцата од Камчеви зеле околу 1,5 милиони евра.
Кичеец првично беше во куќен притвор, а по поднесувањето на гаранцијата во недвижности од 13 милиони денари, куќниот притвор му беше укинат.